|
МАНАСТИР МАТЕЈЧЕ
Елизабета Димитрова
Прво сеопфатно монографско претставување на културното и историското значење и уметничките квалитети на црквата Света Богородица - Матејче, еден од најрепрезентативните средновековни споменици на македонската територија.
Сметана за „еден од најблагородните византиски споменици на балканските простори“ во текстовите на патописците од изминатите векови и истражувања во делата на најреспектираните проучувачи на византиската култура повеќе од едно столетие, црквата Света Богородица над селото Матејче претставува репрезент на врните уметнички дострели на нашите предци од далечното минато и е ремек дело на доцновизантиското монументално сликарство.
Изникнувајќи од традицијата на цариградските архитектонски решенија и претставувајќи го најголемиот сликан ансамбл од XIV век на македонската територија и вториот по големина во Балканскиот регион, Богородичната црква во Матејче, со импозантните димензии на градежниот корпус и екстензивноста на сликаниот репертоар, се вбројува меѓу најмаркантните споменици на општата византиска уметничка продукција. Четиринаесет циклуси и стотици светителски ликови ги красат ѕидовите на храмот, кој во последните петнаесет месеци секојдневно губи драгоцени делови од својата сликана декорација, проголтани во темната бездна на заборавот.
Оригиналните иконографски решенија, невидени во историјата на византиското сликарство, кои сведочат за длабоката теолошка ерудиција на творците на енциклопедиски богатата сликана програма, и будењето на новите стилски одлики на дворскиот ликовен израз низ аристократскиот манир на уметничката постапка, зборуваат за вештината и мајсторството на најдобрите сликари од средината на XIV век. Нивниот рафиниран ликовен јазик го облагородил монументалниот екстериер на црквата со една од најпоетичните визии на нашето творечко средновековие.
По прв пат во историјата на византиските студии, низ 524 страници, илустрирани со цртежи, 90 црно-бели и 57 колор фотографии, монографскиот труд МАНАСТИР МАТЕЈЧЕ ги разрешува мистичните димензии на Богородичната црква, нудејќи:
- детален осврт врз специфичните архитектонски одлики на градбата
- комплетна иконографска анализа на сликаниот репертоар
- реконструкција на уништените партии од живописот
- стилска анализа на ликовните карактеристики на насликаниот аранжман,
со откривање на можните автори на декорацијата
- попрецизно датирање на живописаната програма на црквата
- богата компаративна анализа на ликовните предлошки на изведениот
ансамбл
- одгатнување на специфичната функција на храмот
- одредување на значењето и исклучителните творечки вредности на
споменикот во контекст на развојот на византиското градителско
и уметничко наследство
По
650 години од неговото постоење, Богородичниот храм
во Матејче, денес недостапен за истражувачите и верниците,
им се открива во својот раскошен блесок на сите проучувачи
и љубители на уметноста. Во приказната за ова ремек
дело на македонската културна ризница, на страниците
од монографскиот труд на проф. д-р Елизабета Димитрова
МАНАСТИР МАТЕЈЧЕ, засекогаш е зачувано она што секојдневно
и неповратно исчезнува во трагичниот вртлог на безмилосното
уништување.
|